Кошаркарската репрезентација на Канада ја оправда фаворитската улога и со нова победа дојде до максимален ефект од три победи во групата „А“ на Олимписките игри и како првопласирана патува во четвртфиналето. Победата на Канада од 88-85 значи и дека Шпанија го завршува својот настап во Париз, а со тоа завршува и олимписката кариера на Руди Фернандес, за кого ова беше шестта Олимпијада во кариерата.
Клучната предност Канада ја направи во втората четвртина, но кога се чинеше дека ќе биде лесно, Шпанија успеа да се врати резултатски и да внесе драма во завршницата. Канада имаше +14 на почетокот од второто полувреме, откако првото го доби со 11 поени предност, но разликата почна да се топи, Шпанија дојде на само еден негатива во последните моменти, но немаше сили за комплетен пресврт.
Второто место во групата го освојува Австралија, а во четвртфиналето најверојатно ќе патува и третопласираната Грција, но ќе мора да чека расплетот од другите групи за официјална потврда на пласманот помеѓу најдобрите осум на Олимпијадата.