Младата кошаркарска репрезентација на Македонија ја декласира Бугарија (92-68) и се пласира во финалето на Европското првенство – Б дивизија кое се одржува во Скопје. Со овој триумф, македонските кошаркари се пласираа во А дивизија и ќе играат на Европското првенство во Србија следната година.
Селекторот Горан Андреевски одлично ја прочита играта на Бугарите, а младите кошаркари на теренот ги исполнија сите негови замисли.
Првата четвртина ја доби Македонија со 26-20, а во вториот период ја зголемија предноста на 43-28.
Бугарија се разбуди единствено во третата четвртина, но потоа следеше најдоброто од македонскиот тим, серија од 20-0 и на крајот убедлив триумф од 92-68.
Марко Луканоски беше најдобар поентер кај Македонија со 20 поени и дури 16 скока, пред Атанасиј Трајанов и Никола Јаничиќ со по 17 поени. Кај Бугарите, Теодор Трифонов постигна 20 поени.
Македонија во финалето на Европското првенство – Б дивизија го очекува подобриот од вториот полуфинален дуел меѓу Австрија и Полска.