Селекторот на одбојкарската репрезентација на Полска, Никола Грбиќ, направи воспитна мерка која никој не ја очекуваше. Тој им забрани на своите одбојкари да го напуштаат Олимпиското село.
Полска беше поразена од Италија, што тешко го прими Грбиќ, и иако неговиот тим пројде во четвртфиналето каде што ќе се соочи со Словенија, тој не е задоволен од прикажаното и сака максимален фокус во продолжението на Олимписките игри.
„Сè што сега е важно е да го добиеме четвртфиналниот натпревар. Не нѐ интересира ништо друго, ниту кој ќе биде во финалето, ниту други дисциплини, ниту резултатите на другите полски спортисти во Париз“, изјави Грбиќ.
До натпреварот со Словенија кој ќе се игра во понеделник, на играчите на Полска ќе им биде забрането да бидат релаксирани како досега.
Фокусот и посветеноста се сè што се бара од нив.
„Нема повеќе размена на беџови и сликање пред туристичките атракции. Фокусот е на четвртфиналето“, рече Грбиќ.
Така, одбојкарите на Полска практично ќе бидат заклучени во Олимпиското село.
„Секако, нема да им бранам да гледаат телевизија, телефони и други уреди. Тоа не е ни можно, но сакам повеќе време да поминат фокусирани на други работи. Мораме да се фокусираме на Словенија“, заврши Грбиќ.
Полска ја помина групата како второпласирана селекција во групата Б, со освоени пет бода, со две победи и еден пораз.
Пред нив заврши репрезентацијата на Италија со три победи, а како третопласирана понатаму се пласира и репрезентацијата на Бразил.