Бранителот на титулата во скок во височина, Италијанецот Џанмарко Тамбери е еден од најголемите малери на ЛОИ во Париз. Тамбери кој пред три години на Игрите во Токио стигна до златото, е еден од фаворитите за медал и на овие Игри.
Сепак, уште од првиот ден, Тамбери го следи лоша среќа. Тој ја доби честа да го вее знамето на Итлија за време на отворањето на Игрите, но му се случи еден пех. Тамбери го изгуби венчалниот прстен кој му падна и тоа директно во реката Сена.
По отворањето на Игрите, атлетичарот се врати во Италија каде продолжи да се подготвува за настапот што треба да го има оваа недела. Сепак, можно е да се случи Тамбери воопшто да не допатува во Париз затоа што се соочува со здравствени проблеми. Атлетичарот има камен во бубрег и моментално е во болница.
„Неверојатно. Ова не може да е вистина. Почувствував остра болка во страничниот дел од телото. Потоа дојде Брза помош, па следуваа ЦТ, ултразвук, крвна слика… Веројатно е камен во бубрег. На два дена пред настапот за кој жртвував сѐ, лежам во кревет, беспомошен, со температура од 38,8 степени“, вели Тамбери кој сепак е оптимист и убеден е дека ќе успее да се појави на стадионот во Париз и да се бори за медал.
„Морав да го одложам патот, го пропуштив летот. Сепак, едно знам а тоа е дека не знам како ама ќе стигнам во Париз и ќе бидам таму да се натпреварувам. До последниот скок, без разлика како ќе се чувствувам“, порача Тамбери.