Светската шампионка во трката на 3000 метри стиплчез од Будимпешта 2023, Винфред Јави, донесе и олимписко злато за „новата татковина“, Бахреин. Атлетичарката родена во Кенија ја освои титулата во Париз со нов олимписки рекорд од 8:52.76 минути.
Олимписката шампионка од Токио, Перут Чемутај, мораше да се задоволи со сребрениот медал со нов национален рекорд за Уганда од 8:53.34 минути. Кенијката Фејт Черотич го заслужи бронзениот медал со личен рекорд од 8:55.15 минути.
Милтијадис Тентоглу ја одбрани олимписката титула во скок во далечина. 26-годишниот Грк победи во Париз со скок од 8.48 метри (0.0 м/сек). Тој го постигна резултатот во својот втор обид.
Ова е трета титула за Тентоглу во 2024 година. Во зимскиот период тој стана светски шампион во сала во Глазгов, а во јуни освои и европско злато во Рим.
Тентоглу стана првиот маж во историјата по легендарниот Карл Луис, кој ја одбранил олимписката титула во скок во далечина.
Најдобрата во светот оваа сезона на 200 метри, Габриеле Томас (САД), го освои златниот медал кај дамите во оваа дисциплина, со резултат 21.83 секунди. Второто место и припадна на Џулиен Алфред (22.08 секунди), која беше најбрза на „стотка“, а третопласирана беше Американката Британи Браун, која истрча време од 22.20 секунди.