Кубанскиот борач, Михаин Лопес, влезе во историјата на светскиот спорт, откако успеа да освои златен медал и на петтата Олимпијада по ред на која учествува. Ваков подвиг не направил ниту еден спортист во 128-годишната историја на Летните олимписки игри.
Лопес во финалето во категоријата до 130 килограми во грчко-римски стил беше подобар од чилеанецот Акоста Фернандес со 6-0 и така ја продолжи низата која започна во Пекинг во 2008-мата година.
Она што е уште поинтересно, сите пет олимписки злата ги освои во иста дисциплина. Во Пекинг настапуваше до 120 килограми, но веќе од наредната Олимпијада во Лондон оваа дисциплина беше проширена и границата беше качена до 130 килограми, како што е и на овие игри во Париз.
Претхдо по четири златни медали во иста дисциплина имаа Карл Луис во скок во далечина (атлетика), Мајк Фелпс на 200 метри мешано (пливање), Кејти Ледецки на 800 метри слободно (пливање), потоа Пол Елвстром (едрење), Алфред Ертер фрлање диск (атлетика) и јапонскиот борач Каори Ичо.