Во дуелот на двете екипи кои се во долниот дел од табелата, Силекс и Македонија Ѓорче Петров ремизираа 1:1. Гостите сер тие кои може да жалат што не ги освоија трите бода. Како што најавуваа пред средбата, гостите веднаш започнаа офанзивно. По само три минути игра, Кристијан Костовски погоди за предност од 1:0. Македонија ЃП имаше две стоостотни шанси за да го удвои водството, а со тоа да биде и чекор поблиску до победата, но гостите беа непрецизни.
Во вториот дел, се играше израмнето, а Силекс во 81 минута остана со играч помалку, откако црвен картон доби Емануел Мбела. Токму црвениот картон како да беше мотив за кратовци, па само две минути подоцна судијата досуди пенал за домаќините. Дарко Алексовски го реализираше ударот од белата точка и израмни на 1:1, што се покажа и како конечен резултат.
Мечот помина во фер и коректна атмосфера, а на висина на задачата беше и судијата Марјан Маркоски од Охрид со своите помошници.
Во следното коло Македонија ЃП на свој терен ќе ја пречека Победа, а Силекс ќе гостува кај Беласица.