Репрезентацијата на САД е вториот финалист на машкиот кошаркарски турнир на Летните олимписки игри во Париз откако во драматичен меч ја победија Србија со 95-91. Стеф Кари со 36 поени и Леброн Џејмс со трипл-дабл се хероите на Американците, кои успеаја да надополнат негатива од 17 поени и на крајот многу потешко од очекуваното да дојдат до големото финале на Олимпијадата, каде што за противник ќе го имаат домаќинот Франција.
Србија играше фантастично во првото полувреме, во втората четвртина имаше предност од 42-25, а на полувремето високи +11, односно 54-43. Сепак, дрим тимот на САД во второто полувреме заигра на многу повисоко ниво и само на две минути пред крајот на мечот првпат дојдоа во водство, кое знаеја како да го задржат до крајот на мечот.
Богдан Богдановиќ мечот го заврши со 20 поени, Јокиќ уфрли 17, додека Аврамовиќ постигна 15 поени. Србија во мечот за бронзата ќе игра против актуелниот светски шампион Германија.