По голема борба и многу неизвесност, репрезентацијата на САД ја победи Србија со 95:91 во полуфиналето на Олимписките игри во Париз. Американците ќе играат против Франција во финалето за златото, додека за Србија останува да се бори за бронзата во дуел против Германија.
Селекторот на Србија, Светислав Пешиќ, беше разочаран поради поразот, а вината ја гледа кај судиите, иако директно не го кажа тоа.
„Горд сум како игравме. Против Австралија се вративме по негатива од 24 разлика, кога и се виде нашата ментална сила. Против САД се решаваше на една или две топки. Во Србија има едно правило, кој губи има право да се лути, но јас не сум лут, туку сум горд. Видовте како игравме. Милутинов имаше температура, ни Јовиќ не беше подготвен. Се надевам дека ќе ги закрепнеме за да имаме поголема ротација во дуелот против Германија. Не барам оправдувања, но лут сум бидејќи не добивме респект од судиите. Не само на овој меч против САД. Ако најдобриот играч во светот за 37 минути изведе само четири слободни фрлања, а Богдановиќ само едно, а цело време топката е во овие двајца кошаркари, сè е јасно. Мирен сум, не сум лут, но сум разочаран бидејќи оваа екипа не го доби респектот од судиите. Им реков на играчите да не зборуваат, туку да се борат и дека така судиите ќе ги наградат, но не беше така на теренот“, рече Пешиќ веднаш по возбудливото полуфинале против САД.