Кошаркарите на Србија беа на чекор од сензација во дуелот против САД, но на крајот Американците победија со 95:91 и се пласираа во финалето на олимпискиот турнир во Париз. Србија водеше речиси 38 минути, а во поголем период разликата беше двоцифрена.
Сепак, во финишот Американците заиграа многу поагресивно, успеаја да погодат неколку клучни шутеви, во одбраната одиграа како што тие посакуваат и на крајот стигнаа до победа.
Селекторот на Србија, Светислав Пешиќ, во изјава веднаш по мечот рече дека неговиот тим не ја добил заслужената почит од судиите и дека токму арбитрите се тие кои се највиновни за поразот. Освен Пешиќ, судиите како најголеми виновници за поразот на Србија ги посочија и медиумите кај нашиот северен сосед.
„Судиите ставија фантомки и ја украдоа Србија против Америка“, пишува весникот „Блиц“, а во текстот се додава „Во текот на третата четвртина е виден вооружен грабеж на нашиот тим. Џоел Ембид, центарот на САД, направи очигледни чекори, можеби и најголеми на олимпискиот турнир досега, но судиската тројка тоа не го виде, а родениот Камерунец постигна поени“.
„Американците со помош на незнајниците ги скршија храбрите Орли“, пишува „Курир“, а слични беа насловите и на останатите медиуми во Србија.