Американската атлетска ѕвезда Ноа Јајлс и официјално предвреме ги заврши настапите на Игрите во Париз. Јајлс синоќа трчаше во финалето на 200 метри, каде што го освои бронзениот медал.
Американецот беше голем фаворит за златото затоа што тој е актуелен светски првак, но Јајлс беше видно исцрпен, па по завршувањето на трката, дури со помош на инвалидска количка го напушти стадионот. Подоцна беше потврдено дека тој е заразен со корона-вирусот и дека така трчал и стигнал до бронзата.
„Ова не беа Олимписки игри за кои сонував, но сепак ми донесоа радост и среќа. Се надевам дека сите уживаа, без разлика дали беа мои фанови или беа проитв мене“, порача Јајлс преку социјалните мрежи.
Јајлс во Париз се радуваше и на едно злато, и тоа на најатрактивната трка, односно на спринтот од 100 метри. Тој требаше да учествува и во штафетите на САД на 100 и 400 метри, но сега нема да може. Вечерва ќе биде трката на 4 по 100 метри, а за утре е закажана штафетната трка на 4 по 400 метри.