Рељиќ: Задоволна сум од настапот во Париз, продолжуваме кон нови успеси

Македонската таеквондистка Мила Рељиќ вчера донесе спортска радост за целата земја откако успеа да ја победи двократната олимписка шампионка Џејд Џонс, а потоа само за еден поен не успеа да слави против Летиција Ајун од Либан и за многу малку ѝ избега пласманот во полуфиналето.

И покрај тоа што не успеа да се пласира во полуфиналето и да се бори за медал, младата Рељиќ е задоволна од настапот на ЛОИ во Париз.

„Задоволна сум од својот настап на Олимписките игри во Париз. На стартот за противник ја имав двојна олимписка, светска и европска шампионка. Во таа борба влегов храбро и сконцентрирано, немав никаков стрес или притисок дека пред себе имам таков противник. Со тренерот смисливме добра техника, тоа и го работев, на крај ја победивме. Во втората борба, за жал, тесно изгубив од претставничката на Либан. Борбата беше изедначена, за жал, можеби фалеше малку спортска среќа. Сепак, направивме добри борби и, секако, тука нема да застанеме, туку продолжуваме напред во поголеми успеси“, рече Рељиќ сумирајќи ги впечатоците од вчерашните борби.

Нејзиниот тренер Александар Ефтимов најавува нови големи успеси на Рељиќ.

„Со успех се враќаме од ОИ. Направивме сè за да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Во првата борба се боревме со нашиот идол Џеј Џонс, една од најдобрите во историјата на таеквондото и успеавме да ја победиме и покрај тоа што таа имаше поголемо искуство од нас. Во втората борба нијанси одлучуваа да не поминеме во полуфиналето. Но, не успеавме, не освоивме медал, но како што гледам, ја освоивме спортската јавност во Македонија и се надевам дека ќе имаме поголема поддршка за понатаму и здравје со повеќе претставници на следните олимписки игри и да се вратиме со медал“, изјави тренерот Ефтимов.

 

- Оглас -

Најнови вести