Имане Келиф од Алжир е новата олимписка боксерска шампионка во категоријата до 66 килограми. Боксерката за која се крена многу врева уште од првата борба, во финалето на убедлив начин со 5:0 ја победи Лиј Јанг од Кина.
Судиите немаа дилема и со едногласна одлука победата ја дадоа на Келиф која стигна до најголемиот успех во кариерата. Оваа алжирска спортистка се најде во фокусот на вниманието откако беше потврдено дека се работи за жена која има зголемени машки хормони. Поради тоа, Келиф минатата година беше дисквалификувана од Светското првенство, но доби шанса да се натпреварува на ЛОИ и освои злато.
Во првото коло, противничката на Келиф, Италијанката Анџела Карини само 46 секунди издржа во рингот и потоа се предаде, велејќи дека никогаш претходно не била толку силно удирана. Потоа Келиф постојано беше под притисок, но Алжирката во рингот доминираше и ги победуваше сите ривалки.
По освојуањето на златото таа беше многу среќна и порача: „Јас сум жена. Ова е прв медал за жена од Алжир. Пресреќна сум. Сакам да се заблагодарам на сите, посебно на арапскиот свет. Многу ви благодарам. Оваа победа ја посветувам на народот во Алжир. Сакам на цел свет да му кажам дека сум жена и така ќе останам“, рече новата олимписка шампионска по освојувањето на златниот медал.