Барселона пред два дена убедливо со 3-0 го победи Реал во Мадрид и се избори за место во финалето на Купот на Шпанија. Утревечер следува ново Ел Класико, и тоа повторно на „Сантијаго Бернабеу“. Овојпат тоа ќе биде меч од Примера дивисион, каде што Барселона е лидер, а Реал заостанува девет бодови. Доколку Барселона повторно слави во Мадрид, разликата на табелата ќе дојде до 12 бодови и речиси сигурно Кралскиот клуб ќе може да се прости од трката за титулата.
На еден ден до мечот, Судиската комисија одлучи да го промени главниот судија. Првично беше решено Ернандес Ернандес да ја дели правдата на Ел Класико, но тој се пожалил на повреда и затоа во последен момент е сменет, а на негово место е поставен Ундијано Малјенко.
Првично Малјенко беше одреден да го суди мечот меѓу Еибар и Селта, но сега ќе се најде на центарот на теренот на „Сантијаго Бернабеу“. Еибар – Селта ќе го суди Хозе Марија Санчес Мартинес, кој требаше да биде четврти арбитер на оваа средба.
Малјенко досега судел 50 пати на Реал Мадрид, а Кралевите со него имаат 31 победа, осум ремија и 11 порази. На Барселона, Малјенко ѝ судел 49 пати, а каталонскиот гигант со него како делител на правдата има 31 победа, 13 ремија и пет порази.