Кадетската репрезентација на Македонија за кошаркари до 16 години ја забележа и втората победа на Европското првенство – „Б“ дивизија кое се одржува во Скопје. Македонија во неизвесен и драматичен меч ја совлада Шведска со 75-74 после продолжение, откако натпреварот во регуларното време заврши 67-67.
Шведска подобро го отвори натпреварот и го доби првиот период со 17-13, но следуваше комплетен пресврт на Македонија и водство од 40-36 на полувремето, а потоа и 61-54 на последната мини-пауза. Сепак, нашите млади кошаркари одиграа четвртина за заборав и постигнаа само шест поени во четвртиот период, наспроти 13-те на противникот, па се изборија за продолжение, во кое бевме подобри за половина кош.
Ѓорѓи Цветковски со 20 поени беше најефикасен во нашата репрезентација, додека Жарко Терзиевски и Григориј Ѓорѓевиќ уфрлија по 16.
Македонија во првото коло убедливо ја совлада Украина со 96-68, додека утре во директен дуел против Естонија ќе решава за првото место во групата.