Србија блесна во финалето, ја победи Хрватска и стигна до хет-трик злата на ЛОИ

Селекцијата на Србија е старо-нов олимписки првак во ватерполо. Популарите Делфини одиграа перфектно во финалето и на крајот ја победија Хрватска со 13:11. Со овој триумф Србија само ја потврди доминацијата и трети Игри по ред го освојува најсјајното одличје повторувајќи го успехот од Рио де Жанеиро во 2016 и од Токио во 2021 година.

Хрватска прва даде гол, потоа беше 2:2, за да следува одлична игра на Србија која до крајот на првата четвртина стигне до 5:2. Во вториот квартал двете селекции дадоа по три гола и на полувреме резултатот беше 8:5.

На почетокот од третата четвртина Србија поведе и со 10:6, а во пресрет на последната четвртина останаа трите гола предност за Делфините (11:8) и во последните осум минути рутински одиграа и стигнаа до ново злато на ЛОИ.

Подвигот на Србија е уште позначаен ако се знае дека во групната фаза Србија имаше дури три порази и едвај помина во ноакут фазата, како четвртопласирана. Сепак, кога дојдоа елиминационите дуели, Србите беа перфектни и на крајот сосема заслужено стигнаа до најсјајното одличје на Игрите во Париз.

 

- Оглас -

Најнови вести