Фамаликао ја шокираше Бенфика на стартот на сезоната во Португалија

Бенфика доживеа сензационален пораз уште во првото коло од новата сезона во Португалија. „Орлите“ од Лисабон загубија со 2-0 од Фамаликао, а уште позагрижувачка е слабата игра на тимот, кој упати само еден прецизен удар во текот на натпреварот.

Фамаликао ја победи Бенфика и на крајот од минатата сезона, кога составот на Роџер Шмит очајно се обидуваше да го стигне лидерот Спортинг. Како стартери за гостите започнаа некои од новите засилувања, предводени од Евангелос Павлидис, Леандро Бареиро и Јан-Никлас Бесте, а ветеранот Анхел Ди Марија влезе како замена.

Фамаликао поведе уште во 13-тата минута со гол на Сорисо по асистенција од Оскар Аранда. Во второто полувреме хаотичниот притисок на Бенфика не донесе резултат, а Зајду Јусуф стави точка на натпреварот во последните секунди.

Во второто коло Бенфика ќе ја пречека Каса Пиа.

- Оглас -

Најнови вести