Новата сезона во Ла Лига започнува денеска со натпреварите Атлетик Билбао – Хетафе и Бетис – Хирона. Реал Мадрид ја започнува својата одбрана на титулата во недела, со гостување кај Мајорка, додека Барселона стартува во сабота, со натпревар против Валенсија, новиот клуб на Столе Димитриевски. Тој од денеска официјално има македонско друштво во Ла Лига, откако Бојан Миовски потпиша за Хирона.
Реал Мадрид повторно се смета за голем фаворит. Тимот е многу посилен од минатата сезона, кога доминираше над сите останати. Кралевите претрпеа само еден пораз во првенството, а поголемиот дел од сезоната играа без Тибо Куртоа, Едер Милитао и Давид Алаба. Првите двајца се подготвени за игра, додека Австриецот сè уште закрепнува.
Покрај тоа, Реал има нови ѕвездени засилувања во Килијан Мбапе, како и бразилскиот талент Ендрик. Со толку многу талент, Карло Анчелоти ќе мора да најде место за сите бидејќи Мбапе се чувствува најдобро на позицијата каде што блеска Винисиус јуниор.
Единствената загуба на Реал е повлекувањето на Тони Крос. Германецот долги години беше основа на успесите на тимот, но минатата сезона тимот почна да се учи да се снаоѓа без него.
Конкуренцијата за титулата останува иста – Барселона и Атлетико Мадрид.
Каталонците имаат нов тренер, Ханси Флик, и го доведоа еден од хероите на Шпанија на ЕВРО 2024, Дани Олмо.
Ламин Јамал сега има поинаков статус поради блескавите изведби на Европското првенство. Гави продолжува да закрепнува од повреда и нема да игра барем до ноември. Тимот на којшто ќе се потпира Флик нема многу да се разликува од минатата сезона.
По разочарувачката мината сезона, Атлетико Мадрид направи голема реконструкција. Ги доведоа Хулијан Алварес од Манчестер сити, Александер Сорлот и шпанскиот репрезентативец Робин ле Норман.
Клубот се раздели со Алваро Мората, а се очекува Жоао Феликс исто така да си замине. По овие промени во составот, тимот се очекува да изгледа многу подобро од минатата сезона, а одбраната, која е многу важна за Диего Симеоне, да биде многу поцврста.
Битката за четвртото место сигурно ќе биде тешка. Хитот на минатата сезона, Хирона, тешко дека ќе го повтори својот неверојатен успех, но нема да биде изненадување ако се бори за место во Лигата на шампионите.
Освојувачот на Купот на Шпанија, Атлетик Билбао, се надева дека ќе го задржи Нико Вилијамс. Нивниот конкурент од Баскија, Реал Сосиедад, има слични цели бидејќи интересот за Мартин Зубименди и Микел Мерино е сериозен.
Севилја и Валенсија продолжуваат да се наоѓаат во период на промени и ќе биде изненадување ако успеат да се вклучат во борбата за водечките позиции. Бетис има голем потенцијал, а Мануел Пелегрини го претвори тимот во сериозен конкурент и за најголемите екипи.