Во првиот меч од новата сезона, Реал Мадрид освои нов трофеј. Актуелниот шпански и европски првак во своите витрини го доведе и пехарот наменет за освојувачот на Супер купот на УЕФА. Кралскиот клуб на неутрален терен во Варшава со 2:0 славеше над италијанска Аталанта.
Ова беше и прв меч за новото засилување Килијан Мбапе, кој дебитираше на најубав начин. Даде гол и освои трофеј. Асистент за погодок на Мбапе беше Винисиус јуниор. Токму овие двајца заедно со Џуд Белингам треба да го сочинуваат пеколното офанзивно трио на Реал во новата сезона.
Шпанскиот весник „Марка“ веќе му даде и име на ова трио, и тоа „БМВ“. Овие три букви се скратеници од првите букви на Белингам, Мбапе и Винисиус. Во Реал и претходно имаше пеколно трио со интересно скратено име, и тоа „ББЦ“. Ова име беше скратеница од имињата или презимињата на Герет Бејл, Карим Бензема и Кристијано Роналдо.