Првиот човек на шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес, потврди дека од следната сезона нема да се закажуваат првенствени натпревари од Ла Лига во понеделник. Засега не е донесена одлука за средбите кои се играат во петок, а Рубиалес преку социјалните мрежи се огласи дека фановите се поважни од заработката со ТВ правата и преносите.
„Нема повеќе натпревари во понеделник. Од следната сезона средбите од Ла Лига ќе се играат во сабота и недела, додека не е донесена одлука за петок. Треба да донесеме одлука која ќе биде во корист на сите, бизнисот е важен, но навивачите се поважни“, стои во пораката на Рубиалес.
Во најелитното шпанско фудбалско првенство уште од 2010 година се играат натпревари во понеделник, поради што се крена гледаноста со телевизиските преноси, но тоа наштети на посетеноста на стадионите, кои на мечеви во првиот ден од работната недела обично се полу-празни, особено ако не гостува некој гигант.