Валенсија не попушта: или 40 милиони евра или Мамардашвили останува!

Грузискиот голман Гиорги Мамардашвили беше едно од имињата чија цена порасна летово поради одличните настапи на ЕВРО 2024. За чуварот на мрежата на Валенсија интересот е голем, па можно е да си замине, па затоа клубот и го ангажираше Столе Димитриевски.

Тренерот Рубен Бараха смета на Мамардашвили како број 1. Во саботата против Барселона, Грузиецот бранеше цел меч и доколку ништо не се промени до петок, и против Селта на голот на Валенсија ќе стои Мамардашвили, додека Димитриевски ќе биде на клупата за резерви.

Лилјаците бараат отштета од 40 милиони евра за Мамардашвили и не попуштаат ниту за еден цент. Ливерпул е најзаинтересиран за него, но Црвените не би платиле повеќе од 35 милиони. Питер Лим, најголемиот акционер на Валенсија, не е подготвен да преговара и Англичаните ќе мора да ја зголемат понудата доколку сакаат да го добијат Мамардашвили.

Грузиецот има договор до 2027 година со клаузула за раскин од 100 милиони евра. Валенсија нема потреба да продава летово за да ги избалансира сметките и затоа не брза да прифати понуда за својот голман.

Со доаѓањето на Димитриевски на почетокот на летото, Валенсија се обезбеди со добар голман во случај на заминување на Мамардашвили. Но, Столе не би се задоволил со седење на клупа и има клаузула во договорот со која веднаш може да замине за 3 милиони евра ако Мамардашвили дефинитивно остане во клубот.

- Оглас -

Најнови вести