Англија има четири загарантирани места во Лигата на шампионите, и затоа битката за првите четири места на табелата во Премиерлигата е голема, и сите ги посакуваат тие позиции, за да бидат дел од европската елита.
Но, оваа сезона постои една комбинација и можност, со која четвртото место во Премиерлигата, не носи пласман во ЛШ. Причината се крие во носителите на трофеите во ЛШ и Лига Европа.
Доколку европски првак стане Тотенхем, а Арсенал или Челзи ја освојат Лига Европа, тие автоматски ќе си обезбедат место во ЛШ, дури и без да бидат на некое од првите четири места во домашното првенство. Другите два тима кои директно одат во елитата треба да бидат Ливерпул и Манчестер сити. Една држава не може да има повеќе од пет тима во групната фаза.
Најзагрозен од оваа можност е Манчестер јунајтед кој има реална шанса да биде четврти на табелата. Но, за да игра во ЛШ, ќе треба да навива против тоа Тотенхем да стане европски првак. Бидејќи ако Тотенхем освои ЛШ, Челзи ја освои ЛЕ, а на првите три места во Премиер се Ливерпул, Сити и Арсенал, четвртиот Јунајтед би бил губитникот, и би се нашол во ЛЕ.
Ваков случај имаше во 2012 година, кога Тотенхем беше четврти, но наредната сезона не играше во ЛШ, затоа што местото му го зеде Челзи како европски шампион, иако „сините“ беа зад Тотенхем во Премиерлигата.