Саудискиот клуб на Кристијано Роналдо пред тотален распад

Саудискиот клуб Ал-Наср, во којшто настапува Кристијано Роналдо, поминува низ многу тешки моменти. Kлубот остана без претседателот и важен член на раководството, а наскоро би можело да дојде и до распаѓање на тимот.

Ал-Наср е тимот кој ја започна револуцијата во светскиот фудбал со ангажманот на Кристијано Роналдо со договор од 200 милиони евра по сезона. Наскоро во Саудиска Арабија пристигнаа и други ѕвезди, од кои неколкумина се токму во тимот од Ријад, но клубот остана без трофеи во последните две години.

Многумина за неуспехот ги обвинуваат луѓето кои се на врвот на државата. Меѓу навивачите и раководството на Ал-Наср преовладува мислењето дека се „туркаат“ најголемите тимови на оваа земја, пред сè Ал-Хилал, а потоа и Ал-Итихад и Ал-Ахли.

Судиските одлуки на теренот често предизвикуваа револт, се смета дека главните луѓе на Саудиска Арабија го искористиле Кристијано Роналдо за промоција на лигата и дека сега имаат јасен план Ал-Наср полека да го остават во заборав.

Претседателот Ибрахим Ал-Мухаидиб тоа не можеше да го трпи. Одлучи да се повлече од местото прв човек на клубот, разочаран од односот кон клубот.

„Имаше намера од Ал-Наср да направи најдобар клуб во Азија. Сепак, тоа не му го дозволија и нема надеж дека клубот ќе успее да направи нешто“, пренесуваат медиумите блиски до Ал-Наср.

Инвестицискиот фонд на Саудиска Арабија го доведе Роналдо во клубот, но потоа ја ускрати помошта во финансирањето на трансферите на други фудбалери. Тоа не го направи за конкурентите, додека во Ал-Наср немо го следеа тоа што се случува.

Претседателот се обиде со понуда од 300 милиони долари да купи „права за одлучување“. Меѓутоа, беше одбиен и мораше да продолжи да работи според јасни упатства.

Она што дополнително го погодило Ал-Мухаидиб е веста дека Садио Мане ќе стане член на Ал-Итихад и дека трансферот е речиси завршен. Никој не го известил за тоа, а зделката веќе е практично комплетирана.

Покрај Сенегалецот, кон Џеда ќе замине и Абдула Ал-Амри, па Ал-Наср остана без важни играчи. Како проблем во целата ситуација е наведена нетрпеливоста меѓу Кристијано Роналдо и Мане, што дополнително ја заострува атмосферата.

По заминувањето на претседателот на клубот, важен член на Извршниот одбор исто така одлучи да замине. Свесен дека клубот тоне и дека повеќе нема помош, Кафарија Ал-Кафарија исто така се повлече од раководството на Ал-Наср, што е уште еден сериозен удар за овој клуб.

Ал-Наср во својот состав сè уште има големи ѕвезди. Меѓутоа, со заминувањето на Мане и веројатно на Ејмерик Лапорт, клубот останува со Кристијано Роналдо, Марсело Брозовиќ и Талиска. Недоволно за да се постигне нешто значајно.

- Оглас -

Најнови вести