Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, работи со претставници од Руанда и Јужноафриканската Република за потенцијални трки од Ф1 шампионатот во една од овие земји.
Британецот е категоричен дека е вистинско време за враќање на најпрестижниот мотоспорт на Црниот Континент и според него, тоа е можност која не може да се игнорира.
Хамилтон беше во Африка за време на летната пауза во Формула 1 и ги откри своите планови на прес-конференција пред почетокот на трката за Големата награда на Холандија.
„Ова е вистинското време. Не можат да продолжат да се додаваат трки овде и таму, а да ја игнорираат Африка. Сите земаат од Африка и никој ништо не враќа. Трките на овој континент ќе им покажат на луѓето колку е прекрасно и ќе му помогне многу на туризмот. Постои барем една патека која е целосно подготвена, треба да се најде во календарот“, рече Хамилтон.
Формула 1 ја напушти Африка во 1993 година, кога последен пат се одржа трката за ГН на Јужна Африка. Овојпат Руанда е водечки кандидат, но таму нема патека за Ф1 и допрва треба да се изгради.