Вардар минимално со 1:0 го победи Пелистер во дербито на Македонија кое се одигра во неделата вечерта на арената „Тодор Проески“, а дуелот го следеа 10.000 гледачи. Вистинска прослава направија најверните вардарови навивачи „Комитите“, но секако поддршка за Црвено-црните имаше и од голем дел од публиката која беше на Јужната трибина.
Дуелот го следеа и 100-тина навивачи на Пелистер, популарните „Чкембари“ кои пристигнаа од Битола, но тие немаа многу причини за радости бидејќи нивниот омилен тим загуби.
Оваа бројка од 10.000 навивачи е доволна за македонското дерби да биде четврт најпосетен натпревар за претходното коло на простирите на поранешна Југославија. Според статистиката на фејсбук-страницата „Балкански навивачи“, само три меча кои овие неколку дена се одиграа во екс-Ју биле со повеќе публика.
На „Пољуд“ во Сплит се собраа 16.800 гледачи да го гледаат дуелот меѓу Хајдук и Вараждин, и тоа е најпосетениот натпревар. Потоа следува дуелот од првенството на БиХ меѓу Железничар – Игман Коњиќ, каде што на трибините имаше 13.000 гледачи. Во Загреб на „Максимир“ 11.900 гледачи присуствуваа да ја поздрават победата од 3:0 на Динамо против Шибеник.
Потоа следува дуелот меѓу Вардар и Пелистер со 10.000 гледачи. На мечот меѓу Сараево и Гошк имаше 6.000 гледачи, а сите останати мечеви се со помалку гледачи од 5.000.
Треба да се потенцира дека во претходното коло српските гиганти Црвена ѕвезда и Партизан играа на гостински терен, инаку сигурно ќе имаше место и за нив меѓу најпосетените натпревари во поранешна Југославија.