Пауло Дибала е фудбалскиот херој во очите на сите вистински љубители на овој спорт, а посебно кај навивачите на Рома. Голгетерот синоќа требаше да замине во Саудиска Арабија и да потпише договор со тимот на Ал-Кадсија, но се случи чудо и Дибала реши да не прави трансфер, туку да остане во Рома.
Понудата на Дибала беше во Ал-Кадсија да добие 75 милиони евра за три сезони, и тоа без бонуси и премии, но сепак реши да остане во Рома, каде што ќе заработува 11 милиони евра бруто-плата по сезона. Навивачите на Рома на полноќ решија да му покажат колку го ценат овој потег на Аргентинецот и се собраа пред неговата куќа за да ја поздрават неговата одлука да остане во Римската волчица.
Дибала во Рома дојде во јуни 2022 година и оттогаш е вистински лидер на тимот. Во изминативе две години Дибала го има приматот за најдобар стрелец во тимот (34 голови), најдобар асистент (17 асистенции), играч кој создал најмногу големи шанси (33), играч кој имал најмногу допири со топка во противничкиот шеснаесетник (243) и фудбалер кој упатил најмногу шутеви во рамките на противничкиот гол (67).