Горан Иванишевиќ, поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, зборуваше за соработката со него, ги коментираше последните успеси на Србинот и предвиде кој би можел да го наследи.
„Се слушнав со Новак кога го освои златото на Олимписките игри и кога се оперираше. Многу ми е драго за неговото злато, затоа што знам колку му значи, знам колку сакаше да го освои и начинот на кој го одигра тоа финале. Колку е тој позитивно луд, може да игра во Лос Анџелес за четири години, не би се чудел“, изјави Иванишевиќ.
„Тој пројде во пет години, а и јас со него, низ многу лоши работи. Играше против момчето кое е 16 години помладо од него, кое е побрзо и има посилни удри, а во тоа финале сè се сврте, ниту беше побрз од него, ниту удираше посилно. Во еден момент Новак изгледаше помладо од Алкараз, навистина се радувам како да сум го освоил јас тоа злато и му честирам“, истакна Иванишевиќ.
Тој се осврна и на соработката со Новак Ѓоковиќ.
„Новак е најголемиот тенисер во историјата и еден од најголемите спортисти во историјата на спортот. Од него многу може да се научи. Многу помина во тие пет години, и јас со него, дури многу лоши работи. Нема да зборуваме за нив, но сè на крајот се враќа во животот“
Иванишевиќ даде своја проценка и кој ќе владее со тенисот кога Ѓоковиќ (37) ќе се повлече.
„Алкараз не е добар, туку феноменален. Не само што е добар тенисер, туку е и добро момче, навистина пристојно. Не само тој, туку и Синер. Тоа се добри момци, скромни, кои го сакаат овој спорт. Секогаш се насмевнати и тенисот ќе има потреба од вакви двајца играчи.
Новак ќе биде тука и ќе се прашува за некои работи, но кога ќе си замине, овие двајца се околу пет-шест чекори пред сите и ќе владеат со тенисот. Сепак, не можеме да ги споредиме со никого од триото Роџер Федерер, Рафа Надал и Новак Ѓоковиќ. Тоа би било глупо. Такви како овие тројца никогаш повеќе нема да има“, посочи Хрватот.
Иванишевиќ ќе го следи УС опен и ќе навива за Ѓоковиќ. Очекува повторно да го види во ново финале.
„Новак сѐ уште е желен за успех, сака да собори уште рекорди и е мој фаворит. Кој ќе биде со него во финале, Синер или Алкарас, тоа ќе видиме“, заврши Горан Иванишевиќ.