Ѓоковиќ им објасни на Американците зошто не ни помислува да се пензионира

Новак Ѓоковиќ е познат по тоа што постојано си наоѓа некаква мотивација за да победува и да ги поместува границите во тенисот, така ќе биде и на претстојниот САД опен каде пред него се два предизвици: да стане првиот маж или жена со 25 гренслем титули и да стане првиот после 16 години кој ја одбранил титулата на „Флешинг Медоус“.

Последен тенисер кој ја одбранил титулата во Њујорк е Роџер Федерер кој пет пати по ред победуваше таму, од 2004 до 2008 година.

Пред почетокот на турнирот во „Големото јаболко“, на прес-конференција Ѓоковиќ од новинарите беше запрашан што планира да направи за да ја прекине традицијата која вели дека од 2008 година шампионот на САД опен не успеал да ја одбрани титулата.

„Па, едноставно е: планирам да го освојам трофејот!“, рече Ноле и ги насмеа сите присутни. 

„Не знаев дека толку долго никој не ја одбранил титулата. Се надевам дека тоа ќе се промени годинава. Целта ми е да се борам за трофејот“, додаде тој.

Потоа објасни и зошто иако има 37 години и со неодамнешното освоено олимписко злато во Париз, воопшто не размислува за спортска пензија.

„Луѓето ме прашуваат „Ти го освои златниот олимписки медал, што уште ти останува да освоиш? Но, сè уште го чувствувам тој… нагон. Сè уште го имам тој натпреварувачки дух. Сè уште сакам да ги пишувам страниците на тениската историја, да уживам. Сакам да инспирирам повеќе млади луѓе да играат тенис, да гледаат тенис. Тоа се некои од причините поради кои сè уште сум тука. САД опен го има најголемиот стадион за тенис на светот, ноќните натпревари на овој гренслем се најголемиот спектакл во нашиот спорт. Едвај чекам да излезам под светлината на тие рефлектори, пред таа врева, енергијата на стадионот“, вели Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести