Македонската одбојкарска репрезентација загуби со 1:3 од Грција во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра во 2026 година. Во речиси исполнетата сала „Јане Сандански“, македонските одбојкари започнаа одлично, но потоа застанаа и поразот беше неизбежен.
Овој неуспех значително ги компликува калкулациите на Македонија за да стигне до нов настап на ЕП.
Фантастично започна Македонија и првиот сет го доби убедливо со 25:15.
Сепак, наместо нашите да продолжат во ист ритам, Грците беа тие кои засилија во темпото, па брзо поведоа со 16:9 и потоа рутински го добива сетот со 25:18 и израмнија на 1:1 во сетови.
Македонија својата шанса да се врати во дуелот ја загуби во третиот сет. Грција водеше со 18:14, но Македонија со низа од пет поени стигна до предност од 19:18. Водевме и со 21:20, но потоа Грците со низа од три поени стигнаа до 23:21 и до крајот не ја испуштија шансата, добивајчи го сетот со 25:23.
Гостите беа решени мечот да го решат во четири сета, па почнаа фуриозно во четвртиот сет и поведоа со 6:2. нашиот селектор бараше два брзи тајмаути во обид да се прекине серијата на противникот, но не успеа да го намали нивниот ритам. Водеа Грците и со 17:12, па 21:17 и јасно беше дека ќе го добијат сетот кој на крајот заврши со 25:20.