Синер: Немав повластен третман при допинг-аферата

Првиот светски тенисер, Јаник Синер, уште еднаш, пред почетокот на Отвореното првенство на САД, зборуваше за допинг-аферата во која беше вмешан и истакна дека не бил третиран поинаку отколку што би биле третирани другите тенисери.

Италијанецот во март, за време на Мастерсот во Индијан Велс, двапати беше позитивен на стероидот „клобестол“, но Меѓународната тениска агенција за интегритет (ИТИА) утврди дека тој не сноси вина и одговорност за тоа.

При двете тестирања, споменатиот метаболит беше пронајден во многу мали количини, но поради тоа Синер двапати моментално беше привремено суспендиран, со право на жалба.

Бидејќи неговите жалби двапати беа уважени, тој можеше да продолжи да се натпреварува на турнирите.

Многу тенисери сметаат дека биле применети двојни стандарди и дека Синер бил третиран поинаку во споредба со другите играчи во слични ситуации.

„Очигледно, поради мојата позиција, можев да ангажирам квалификувани луѓе. Ако тоа им се случеше на некои други играчи, ситуацијата ќе беше поинаква. Но, повторувам, бев третиран како и сите други. Причината поради која продолжив да играм е што точно знаевме како влегол „клобестолот“ во мојот организам и од каде доаѓа. Тој беше од спреј“, изјави Синер за „ЕСПН“.

„Имајќи сè предвид, немав поинаков третман. Процесот беше доста долг и беше уште потежок бидејќи иако знаете каков ќе биде резултатот, сè уште не знаете што ќе биде на крајот. Тоа не беше лесен период за мене. Поради тоа сум среќен“, додаде Синер во пресрет на стартот на Отвореното првенство на САД.

- Оглас -

Најнови вести