Желбата на Тотенхем е денеска да го победи лутиот северно-лондонски ривал Арсенал и да се доближи до обезбедување на позиција на табелата која ги носи „петлите“ во Лигата на шампионите.
Тотенхем сака во следната сезона на својот нов стадион, да игра мечеви и од елитното европско натпреварување. Додека не биде готов новиот „Вајт Харт Лејн“, Тотенхем како домаќин игра на славниот „Вембли“, кој се наоѓа во северо-западниот дел на еден од најголемите градови во Европа. Но, Тотенхем 18 месеци игра таму и веќе се одомаќини.
После поразите од Барнли и Челзи, шампионската титула за Тотенхем е недостижна, па сега им останува битка за третото и четвртото место, кои ги „меркаат“ уште Арсенал, Челзи и Манчестер јунајтед.
На листата на повредени се Деле Али и Ерик Даер, а неизвесни се Јан Вертонген и Хари Винкс. Кај Арсенал, се очекува Лоран Кошчелни да биде подготвен, исто како и Стефан Лихштајнер.
Маурисио Покетино кој денеска полни 47 години, никогаш не загубил дома од Арсенал, но неговиот колега Унаи Емери имаше позитивно искуство во своето прво дерби. Арсенал редовно прима голови на гостински терен, но пред две недели беше 10 бода зад Тотенхем, сега е четири.
Спарс немал три порази по ред уште од ноември 2012, а тогаш третиот им беше од Арсенал. Дали историјата ќе се повтори?