Дефанзивецот на уругвајскиот Насионал, Хуан Изкиердо, кој ја загуби свеста за време на натпреварот со Сао Пауло од Копа Либертадорес пред шест дена, почина на 27-годишна возраст.
Изкиердо колабираше на терен без контакт со противник. Беше однесен во болница, каде му беа констатирани нарушувања на срцевиот ритам и зголемен притисок. Тој од неделата беше на респиратор, а од понеделникот на одделението за невролошка интензивна нега.
„Со најдлабока болка и шок во нашите срца фудбалскиот клуб ја објави смртта на нашиот сакан играч Хуан Изкиердо. Изразуваме најискрено сочувство до неговото семејство, пријателите, колегите и роднините. Целиот Насионал жали за оваа непоправлива загуба“, се вели во соопштението на клубот кој е 49-кратен првак на Уругвај.