Марк Бернал, кој има само 17 години и едно од откритијата на новиот тренер Ханси Флик, нема да игра за Барселона до крајот на сезоната. Младиот дефанзивен играч за врска се приклучи на сениорскиот тим ова лето и беше стартер на сите три првенствени натпревари. Барселона ги победи сите, но на последниот натпревар, синоќа против Рајо Ваљекано (1-2), го загуби Бернал до крајот на сезоната.
Шпанските медиуми пишуваат дека Бернал ги скинал предните вкрстени лигаменти на левото колено. Сега му следи операција и околу девет месеци принудна пауза, а најрано би можел да се врати на терен на крајот од сезоната.
Ова ги шокираше сите во Барселона и го расипа целото славење по победата над Рајо.
„Победивме на натпреварот, но никој во соблекувалната не е среќен. Повредата на Бернал не изгледа добро“, изјави уште синоќа тренерот Ханси Флик.
Шпанските медиуми додаваат дека Бернал го напушти стадионот на патерици и дека по слетувањето во Барселона, авионот го напуштил со помош на соиграчите. Тие го носеа до возилото на итната помош, а потоа веднаш замина на детални лекарски прегледи.