Денешната ждрепка за ЛШ може да донесе историски дуел за регионот, Црвена ѕвезда против Динамо Загреб

Ждрепката за Лигата на шампионите, за првпат со 36 учесници и во нов формат, ќе се одржи денеска, од 18 часот во Монако. Секој од 36-те клубови ќе има осум натпревари против различни противници, четири дома и четири на гости. Тоа важи и за Лигата на Европа. За првпат и Македонија ќе биде претставена со четворица учесници: Елиф Елмас со Лајпциг, Бојан Миовски со Жирона, Стефан Ристовски и Аријан Адеми со Динамо Загреб.

Пред ждрепката, 36-те клубови се поделени во четири шешири со по девет тима, рангирани според коефициентот. Секој тим ќе биде извлечен против два противника од шеширот, од кои еден меч ќе биде дома, а другиот на гости.

Во групната фаза не можат да се сретнат тимови од иста земја, а може да бидат извлечени против максимум два клуба од истата држава.

Ждрепката ќе биде комбинација од рачно извлекување и компјутерски одредби.

Сите 36 клуба ќе бидат рачно извлечени со користење топчиња, а потоа автоматизиран софтвер ќе ги извлече осумте противници од четирите шешири. Тие ќе бидат прикажани на екран во салата за ждрепка и на ТВ-екраните.

Софтверот ќе одлучи кои натпревари ќе бидат дома, а кои на гости за клубовите.

Ждрепката ќе започне со првиот шешир, доделувајќи осум противника за сите девет екипи. Ќе продолжи по опаѓачки редослед, додека на сите тимови не им бидат доделени осум ривали.

Клубовите ќе ги знаат сите противници до крајот на ждрепката, но листата на натпревари со датуми и термини ќе биде дополнително изработена и објавена во сабота, 31 август.

Црвена ѕвезда ќе добие два клуба од третиот шешир во којшто се наоѓа, а тука е и Динамо Загреб. Постои можност за историски дуел на „Максимир“ во Загреб или на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград.

ШЕШИРИ НА ЖДРЕПКАТА ЗА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Прв шешир: Реал Мадрид (Шпанија), Манчестер сити (Англија), Баерн Минхен (Германија), ПСЖ (Франција), Ливерпул (Англија), Интер (Италија), Борусија Дортмунд (Германија), Лајпциг (Германија), Барселона (Шпанија).

Втор шешир: Баер Леверкузен (Германија), Атлетико Мадрид (Шпанија), Аталанта (Италија), Јувентус (Италија), Бенфика (Португалија), Арсенал (Англија), Клуб Бриж (Белгија), Шахтјор (Украина), Милан (Италија).

Трет шешир: Феенорд (Холандија), Спортинг (Португалија), ПСВ (Холандија), Салцбург (Австрија), Динамо Загреб (Хрватска), Лил (Франција), Црвена ѕвезда (Србија), Јанг бојс (Швајцарија), Селтик (Шкотска).

Четврти шешир: Слован (Словачка), Монако (Франција), Спарта (Чешка), Астон вила (Англија), Болоња (Италија), Џирона (Шпанија), Штутгарт (Германија), Штурм (Австрија), Брест (Франција).

- Оглас -

Најнови вести