Милевски: „Фарски Острови се незгоден противник, Лигата на нациите е шанса за пласман на СП“

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, денес го објави списокот со повикани фудбалери за дуелите против Фарските Острови на гости и Ерменија на домашен терен. Двата натпревари се во рамките на новото издание на Лигата на нациите на УЕФА, кое ќе биде можност и за пласманот во баражот за Светското првенство во 2026.

„На списокот со повикани фудбалери нема поголеми измени од оние кои ги завршија квалификациите за ЕП. Фудбалерите на кои сметаме покажаа дека имаат потенцијал да се тука и понатаму. Жал ми е што Дарко Велковски е без клуб и нема да биде во комбинација за настап на двата меча. Дени Илиев исто така нема да биде во составот поради повреда. Дебитант е Кристијан Трапановски, кој со настапите за Данди Јунајтед заслужи да биде дел од тимот. Ги следев неговите игри и пред да направи трансфер во Шкотска, разговаравме и беше свесен за одредени недостатоци во играта. Познавајќи го каков карактер е, на добар пат е да се наметне и во репрезентацијата. Неколку фудбалери од младата селекција се потенцијални за повик во А тимот. По крајот на нивните квалификации за ЕП, неколкумина од нив би требало да се приклучат во нашата репрезентација“, рече селекторот Благоја Милевски.

Лигата на нациите е убава можност за фудбалската репрезентација на Македонија да се доближи до пласман на Светското првенство, а како што вели селекторот, противниците за пријателските дуели кои ги загубивме биле намерно одбрани за да видиме до каде сме.

„Фарски Острови се незгоден противник, агресивен и дисциплиниран противник. Се игра на вештачка трева и ќе мора да се навикнеме и на тој момент. Мора да сме на максимумот на можностите, сите ставени во функција на тимот, но со респект кон секој противник во групата. Фарски Острови не се наивни, условите ќе бидат тешки и мора да се потрудиме максимално. Оваа Лига на нации дава можност за пласман на Светско првенство, но патот дотаму е навистина тежок. Нè очекуваат противници кои се незгодни, физички одлично подготвени, играат дисциплинирано и со доста динамика. Мирен сум дека пред септемврискиот циклус речиси сите ги минаа подготовките и се максимално спремни, за разлика од јунскиот прозорец, кој секогаш ни бил проблематичен. Не ме загрижуваат лошите резултати на последните пријателски натпревари. Свесно ги одбравме ривалите за контролните мечеви. Како селектор не бркам рејтинг преку Сан Марино и Андора, битно ми е играчите да напредуваат преку квалитетни тестови со силни ривали. Иако ги загубивме двата натпревари, против Чешка и Хрватска имаше позитивни, како и негативни работи. Не сум задоволен од натпреварите во јуни, за разлика од тие во март, за кои немав што да забележам, освен за реализацијата“, додава Милевски.

Собирот на репрезентацијата е во понеделник, на втори септемри.

- Оглас -

Најнови вести