Новиот формат на фудбалската Лига на шампиони ќе биде поинтересен и понепредвидлив, изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
„Се одлучивме за овој формат, мислиме дека ќе биде подобро. Ќе имаме понепредвидлива, поинтересна трка“, рече Чеферин.
Од сезоната 2024/2025 клубовите наместо во групната фаза како досега, ќе учествуваат во таканаречената лига која ќе вклучува 36 екипи наместо досегашните 32, секој тим ќе игра по осум меча, четири дома и четири на гости, а првите осум екипи со најмногу бодови, директно ќе се пласираат во осминафиналето.
За останатите осум места ќе се борат клубовите кои ќе ги заземат местата од 9-то до 24-то.
„Дали има многу натпревари во европскиот фудбал? Ми се чини дека веќе има многу натпревари. Од една страна имаме клубови кои велат дека не можат да дозволат играчите да играат толку многу, од друга страна има тимови со финансиски потешкотии, но колку поинтересни се натпреварите, толку повеќе ќе има придобивки за сите“, додаде шефот на УЕФА.