Фудбалските прволигаши денес во 16 часот ќе го одиграат комплетното четврто првенствено коло. Во ова коло нема изразита дерби средба, па најинтересниот меч се очекува да биде на Националната арена во Скопје, каде Вардар ќе ја пречека екипата на Воска.
Двете екипи имаа големо ривалство уште во второлигашката конкуренција, а минатата сезона се бореа за опстанок. Слична е состојбата на табелата и во моментов, бидејќи двете екипи се на последните две позиции, Вардар со три бода, а Воска со само еден.
Засилениот Вардар после поразите од Брера и Шкупи нема избор и денес ќе мора да атакува на победата против составот од Охрид и така да фати приклучок кон горниот дел од табелата.
Интересен меч ќе се одигра и во Кавадарци, каде актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Тиквеш го пречекува засилениот Гостивар. Овие две екипи на последните четири меѓусебни средби одиграа „гол-гол“, а квотата за такво нешто денес е одлична, 1.96 за „гол-гол“ и 2.75 за „ГГ и 3+“.
Шкендија и Струга како големи фаворити на домашен терен ги пречекуваат Пелистер, односно Брера, а во Кратово во дуелот на поранешните шампиони на Македонија се среќаваат Силекс и Шкупи. На последниот натпревар ова коло, дебитантот во лигата, Беса, го пречекува Работнички на Градскиот стадион во Гостивар.