Српскиот ракометар Илија Абутовиќ во интервју за Балкан хендбол откри интересни детали околу неговиот трансфер во Еурофарм Пелистер, иако е легенда на Вардар на кој ќе треба да му гостува сезонава.
Абутовиќ по шест години се враќа на македонските ракометни терени. Со Вардар ја освои Лигата на шампионите во 2017 година, а сега се врати во Македонија, и тоа во редовите на најголемиот ривал и актуелен македонски шампион – Еурофарм Пелистер.
„Очекувањата во клубот се големи, притисокот донекаде се чувствува затоа што сите луѓе околу нас, целиот град сакаат да го постигне најдоброто. Во Лигата на шампионите минатата сезона Еурофарм Пелистер немаше ниту една победа. Се надевам дека ќе ги исполниме сите поставени цели. Првиот натпревар е секогаш незгоден. Очекувам да биде тешко и неизвесно против Алкалоид во Суперкупот, тоа е многу важен меч за нас“, вели Абутовиќ.
Илија вели дека ракометот е спорт број 1 во Македонија и дека сега за разлика од порано, лигата е многу поизедначена.
„Во 2018 година, кога си заминав од Вардар, каде што и да одевме, победувавме лесно, со 15-20 голови разлика. Сега каде и да одите, треба добро да се испотите. Лигата е сè подобра, што е одлична работа за развојот на ракометот во Македонија. Јас половина од кариерата ја поминав во Македонија, мојата сопруга е Македонка, децата го зборуваат јазикот, се чувствувам како да сум дома. Многу убаво сме примени во Битола. Се вратив во земјата што ја сакам и многу сум среќен како се одвиваат работите“, објаснува Абутовиќ, кој имал понуда и од Охрид.
„Кога ја прифатив понудата од Е. Пелистер, знаев дека нема да биде лесно поради ривалството со Вардар. Јас сум професионалец, тоа е спорт, тоа е живот, ќе го работам тоа што најдобро го знам на најдобар можен начин. Играм во најголемиот ривал на Вардар. Од друга страна, не заборавам, и не би сакал другите да заборават, сето она што му го дадов на Вардар, тој ми го даде мене помагајќи ми да се изградам како личност. Првото гостување во ‘Јане Сандански’ секако ќе ми биде специфично и емотивно, но тоа го носи животот на професионалниот спортист. Имам многу пријатели во Скопје. Некои луѓе ми се налутија кога слушнаа каде ќе играм, но брзо сфатија дека тоа е работа. Кога ме видоа во Струга, моите пријатели Стоилов и Недановски ми дофрлија: зелено не ти стои убаво“, раскажува Абутовиќ.