Иако УЕФА го одреди стадионот „Сан Сиро“ во Милано како место на кое треба да се игра финалето на фудбалската Лига на шампиони во 2027 година, тоа веројатно нема да се случи, па на 24 септември во Прага ќе се донесе нова одлука каде ќе се игра финалето на ЛШ по три години.
На легендарниот стадион „Сан Сиро“ ќе се одржи свеченото отворање на Зимските олимписки игри во февруари 2026 година и му треба сериозна реконструкција. Стадионот му припаѓа на градот, чие градско собрание френетично бара пари за подобрување на инфраструктурата.
Во 2026 година, „Сан Сиро“ ќе наполни точно 100 години. По ЗОИ, може сериозно да се реновира или целосно да се урне.
Милан и Интер, кои играат на општинскиот стадион под кирија, досега не можеа да се договорат меѓу себе и со градското собрание за иднината на стадионот. Реконструкцијата е многу важна, „Сан Сиро“ треба да блесне со сиот сјај за Европското првенство во 2032 година.
Се шпекулира дека финалето во 2027 ќе остане во Италија, но наместо во Милано, би се играло во Рим. Римскиот „Олимпико“ последен пат беше домаќин на финалето на ЛШ во 2009 година.