Дебакл! Македонија не шутна на гол и имаше посед од 21%, па прими пет гола од Холандија (Видео)

Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година доживеа вистински дебакл и загуби од врсниците од Холандија со убедливи 5-0. Дека во Алмере ќе ѝ се случи вистински „потоп“ на нашата селекција, се насетуваше уште по голот на Регер во втората минута.

Во 22-рата минута, Ноа Охио зголеми на 2-0 и тоа беше резултатот на полувреме. Во вториот дел уште три гола во мрежата на Марко Алчевски. Манхоф во 61-вата и 69-тата минута веќе зголеми на 4-0, а Регер со својот втор гол вечерва ги постави конечните 5-0 во 74-тата минута.

Македонските фудбалери во текот на целиот натпревар не успеаја да упатат ниту еден удар кон противничкиот гол, ниту во рамките, ниту надвор од рамките на голот, а немаа и ниту еден блокиран удар. Мечот го завршивме со катастрофален посед на топка само од 21%. За разлика од нас, Холандија дури 24-пати се закани кон нашиот гол. Од тие 24 удари, дури 17 одеа во рамките од голот на Алчевски, кој успеа да собере 12 интервенции.

 

За избраниците на Драги Канатларовски ова беше петти пораз во седмиот натпревар. Македонија ги победи само Шведска со 0-1 на гости во првиот меч од овој квалификациски циклус, а потоа и аутсајдерот Гибралтар на домашен терен со минимални 1-0 за петто место со шест бода. Холандија е прва со максимални 24 бода од осум натпревари.

- Оглас -

Најнови вести