Милевски: Дојдени сме да победиме против Фарски Острови, нашата главна цел е првото место во групата

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, е оптимист пред стартот на новата сезона во Лигата на нациите. Македонската експедиција е на Фарски Острови, каде што утре попладне ќе игра во меч од првото коло.

„Воопшто нема да биде лесен меч. Посебно кога се работи за прв меч во едни квалификации. Против себе имаме квалитетен ривал, кој е дисциплиниран во својата игра. Имаме максимална почит кон сите ривали, но нашата главна цел е да завршиме на првото место во групата. Ќе видиме како ќе го направиме тоа низ текот на овие квалификации“, вели Милевски.

Фарски Острови неодамна ја победи Турција и тоа треба да е сигнал дека не смее никако овој ривал да се потцени, посебно кога игра дома.

„Треба да го дадеме максимумот ако сакаме да ги победиме. Фарски Острови во минатите квалификации покажаа дека се одлични и ја победија Турција. Ние игравме со нив минатата година и тогаш го видовме нивниот квалитет. Играат цврсто, дисциплинирани се, трчаат многу и треба да им парираме во секој елемент на играта“, анализира Милевски.

Во Торсхавн, градот во којшто ќе се игра мечот, температурата е речиси 25 степени постудена од таа што беше во Скопје.

„Не е лесно да се адаптирате од 35 степени на 12 степени, но мора побрзо да се аклиматизираме. Затоа и вчера имавме тренинг. Вештачката трева е предност за домаќинот, но ние треба да се адаптираме на сите услови и да го наметнеме нашиот квалитет што го поседуваме“, заврши Милевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести