Екипата на Вардар есенва ќе дебитира во групната фаза од ракометната Лига на Европа, а вечерва ги дозна и сите противници. После ждрепката, познато беше дека Вардар ќе биде во група со Порто, но и со уште две екипи од квалификациите.
Сега веќе и официјално дел од групата „Ф“ ќе бидат и екипите на Валур од Исланд, како и Мелсунген од Германија. Исланѓаните во квалификациите засамо еден гол беа подобри од хрватскиот претставник, Винковци, откако на домашен терен победија со 34-25, а на гости загубија со 32-24.
Мелсунген беше далеку поуспешен и со две победи од 28-23 и 36-31 го елиминира Елверум од Норвешка.
Познат е и распоредот. Вардар настапот во Лигата на Европа го започнува со домашен дуел против Валур на осми октомври, потоа следува гостински дуел против Мелсунген, па двомеч со Порто, најпрво дома, а потоа и на гости. Групната фаза завршува со гостување кај Валур и домашен меч против Мелсунген.