Можни состави: Милевски со офанзива по три бода, Петраков со згуснат среден ред (Фото)

Репрезентациите на Македонија и Ерменија вечерва ќе го одиграат мечот од второто коло од дивизијата „Ц“ на Лигата на нациите. Двете репрезентации во различно расположение го очекуваат мечот, Македонија со кикс против Фарски Острови (1-1) на гостински терен, додека Ерменија во Скопје пристигна со убедлива победа над Летонија (4-1) на домашен терен.

Селекторот Благоја Милевски најави неколку измени во составот, а очекувањата се дека Македонија ќе тргне офанзивно по трите бода бидејќи во спротивно првото место во групата ќе биде недостижно. На голот ќе биде стандардниот Столе Димитриевски, во четворката пред него се очекува да се најдат Димоски, Серафимов, Муслиу и Алиоски, Барди и Алими ќе бидат задолжени за растурање на противничките напади, Миовски, Ќамили, Чурлинов и најистурениот Елмас ќе имаат задача да го погодат противничкиот гол.

На спротивната страна, селекторот на Ерменија, Олександр Петраков, веројатно ќе биде задоволен и со нерешено од ова гостување, па се очекува мечот да го започне со згуснат среден ред и токму на тој дел од теренот ќе се обиде да воспостави контрола, што би значело да се спречат нашите напаѓачи да го загрозат голот на Чанчаревиќ.

Натпреварот помеѓу Македонија и Ерменија се игра вечерва, со почеток во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести