Дион Едвин (191 см), репрезентативецот на Девствените Острови, е четвртото странско засилување за МЗТ Скопје во новата сезона. Овој искусен 31-годишен бек-шутер и официјално потпиша договор со македонскиот првак.
Едвин во последните седум години игра низ европските првенства. Најпрво играше во Финска, каде што остана една сезона во тимот на КТП, по што следуваше успешен четиригодишен период во Украина. Во два наврати настапуваше за Химик, а по една сезона во Киев баскет, и во Прометеј, а во 2022 година си замина со две шампионски титули (2019 и 2021) и едно МВП признание за најкорисен кошаркар во првенството (2019).
Во 2022 година бекот извесен период настапуваше и за Работнички, по што се пресели во Унгарија, каде што прво игра за Атомерому, а минатата сезона и за ДЕАК, каде што имаше просек од 13,3 поени, 5,3 скока и 5,3 асистенции.
Со ангажманот на Американецот од Девствените Острови, од МЗТ Скопје Аеродром најавија дека го комплетирале ростерот од 12-мина кошаркари, со кои ќе ја започнат новата сезона. Покрај Едвин, улогата на странци ќе ја имаат уште Брандон Слај (САД), Марко Баковиќ (Хрватска) и Милош Копривица (БиХ), а од македонските кошаркари тука се Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ.
Првиот меч во новата сезона МЗТ Скопје Аеродром ќе го има против црногорскиот тим Теодо на 24 септември во „Јане Сандански“, на стартот од АБА2-лигата.