Данило Брестовац беше претставен како нов селектор на македонската машка сениорска репрезентација во ракомет, а тој од јуни ќе го напушти кормилото на Металург, за да биде професионален селектор. Договорот му е на три години, до јуни 2022 година.
„Ова е остварување на мојот професионален сон да бидам селектор на Македонија. Им благодарам на сите во комисијата и до претседателот на РФМ за довербата. Некои луѓе ми сугерираа дека не ми е време да бидам селектор, но јас не мислам дека ми е рано, и ја прифатив понудата. По сето она што го имам направено како играч и тренер, мислам дека сум способен да одговорам на предизвикот. Имам своја визија како треба да биде составувана репрезентацијата. Ќе направиме фузија од поискусни играчи со кои имам настапувано и играчи кои од младинските селекции кои сум ги селектирал во изминатиот период. Имаме доволно време до мечот со Исланд, можен е ремонт на некои позиции“ – изјави селекторот Брестовац, кој ќе се обиде да го врати Филип Миркуловски во тимот и најави дека нема толку често да ја применува тактиката во нападот „7 на 6“.
Брестовац кој уште ја врши функцијата тренер на клубот Металург, таму останува до јуни, а потоа целосно ќе се фокусира на националниот тим. Металурзите го поддржале Брестовац во одлуката и не му се лутат што ќе ги напушти по завршувањето на сезонава.
Во А тимот доаѓа со искуство од работење како селектор на репрезентациите за играчи до 21 и 19 години, а им беше и помошник на селекторите Ивица Обрван и Лино Червар додека тие седеа на клупата на „црвено-жолтите“.
На конкурсот на РФМ за селектор, се пријавија шестмина стручњаци, а федерацијата реши да го наименува Брестовац за наследник на Раул Гонзалес. Брестовац ќе ја води селекцијата до 19 години на СП во Скопје, во август.