Дуелот меѓу Гостивар и Вардар кој се играше на стадионот „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари се одигра без присуство на публика. Иако гостиварци немаа никаква казна или суспензија, домаќинот на овој меч самоволно реши да не ги отвори вратите од стадионот и да нема гледачи.
Едноставно челните луѓе на Гостивар решија да ги казнат сите оние кои сакаа да присуствуваат и во живо да го гледаат дуелот. Најверните навивачи на Вардар, популарните „Комити“ неколку дена претходно најавуваа дека ќе го бодрат својот омилен тим, иако е најавено дека нема да има гледачи.
Неколку стотина Комити денеска се ушатија кон стадионот во Маџари, но беа пресретнати од полициски кордон. Едноставно Комити добија „рампа“ и не можеа да стигнат до стадионот. Токму затоа Комити преку соопштение го изразија својот револт, кое го пренесуваме во целост.
„ЗА ВАРДАР СЕКОГАШ И СЕКАДЕ!
Не е повеќе прашање зошто, туку КОГА еднаш засекогаш ќе се застане на патот на самоволието, кое повеќе од 30 години, во континуитет го разорува македонскиот клупски фудбал?
Празни трибини и полна ложа. На тоа ли се сведува денес ПМФЛ? На полициски кордони чија единствена цел е – стадионот да остане празен? На желбите на поединци поголеми од интересот на навивачите? На башибозукот кој се наметнува како правилен принцип на функционирање или на постојаното летање во место, кое со децении го пеплосува мак фудбалот…
Неколку стотина членови на групата, денес без разлика на дождот и на фактот дека нема да присуствуваат на натпреварот, сепак се упатија кон стадионот. Свесни бевме дека нема да влеземе, но исто така мора да се свесни СИТЕ кои стојат зад овие апсурдни одлуки, дека Комити никогаш нема да се откажат, ниту да потклекнат пред истите. До коска за Вардар!
Упатуваме поддршка до фудбалерите на теренот, за храбрата игра, како и до стручниот штаб. Заедно до целта!
ИМАШ ВАРДАР ТИ ВЕРНИ КОМИТИ!“