Туниската тенисерка Онс Жабер објави дека ја завршува сезоната поради повреда на рамото.
„Оваа година беше исклучително тешка за мене. Поради мојата повреда на рамото, медицинскиот тим и јас ја донесовме тешката одлука да ја завршиме сезонската турнеја“, напиша Жабер на социјалната мрежа „Икс“.
Онс Жабер, 22-рата тенисерка во светот, додаде дека ќе се врати на теренот на следното Отворено првенство на Австралија, кое ќе се одржи во јануари 2025 година, а дотогаш планира да се посвети на добротворна работа.
Туниската тенисерка ги пропушти Олимписките игри во Париз за да биде во подобра физичка форма, но подоцна мораше да се повлече од турнирот во Вашингтон на почетокот од август. Потоа загуби во првото коло на турнирот во Торонто од Наоми Осака и се откажа од турнирот во Синсинати.
Онс Жабер двапати беше финалистка на Вимблдон (2022, 2023) и еднаш на Отвореното првенство на САД (2022), а нејзиното највисоко рангирање на светската листа беше второто место.