Лигата на шампионите отвора нова ера со промени во форматот, зголемувајќи го бројот на екипи од 32 на 36 и воведувајќи т.н. основна фаза наместо претходната групна фаза. Сите тимови ќе бидат дел од заедничка табела и секој тим ќе одигра осум натпревари – сите против различни противници, од кои четири ќе бидат домаќини, а останатите четири ќе гостуваат. Овие натпревари ќе се играат помеѓу 17 септември и 29 јануари.
Македонија ќе има четворица претставници, Елиф Елмас со Лајпциг, Бојан Миовски со Жирона, а први на сцената ќе излезат Стефан Ристовски и Аријан Адеми со Динамо Загреб. Тие вечерва му гостуваа на Баерн Минхен.
Првите осум тимови од табелата ќе продолжат директно во осминафиналето. Следните 16 екипи (од 9-то до 24-то место) ќе играат во дополнителна елиминациска рунда, при што победниците од овие осум двојки ќе им се приклучат на веќе квалификуваните осум екипи.
Тимовите што ќе го заземат 25-тото до 36-тото место ќе испаднат од натпреварувањето со завршувањето на основната фаза во Лигата на шампионите, без можност да преминат во Лигата на Европа или Лигата на конференции.
Натпреварите од Лигата на шампионите ќе се играат повторно во вторник и среда, а само во првата недела од овој нов формат ќе се игра и во четврток како исклучок. Исто така, оваа недела е резервирана само за Лигата на шампионите. Лигата на Европа и Лигата на конференции, кои исто така ќе се играат според овој нов формат со основна фаза, ќе започнат на 25 септември и на 3 октомври.
Програмата во ЛШ вечерва се отвора со натпреварите Јанг бојс – Астон вила и Јувентус – ПСВ Ајндховен, кои почнуваат во 18:45 часот.
За Астон вила ова е враќање во најсилниот клупски турнир по првпат од нивниот триумф во далечната 1982 година, тогаш уште под името Куп на европски шампиони. Некои можеби ќе кажат дека Англичаните немаат искуство во Лигата на шампионите, но на клупата го имаат Унаи Емери како менаџер.
Јанг бојс во дуелот влегува со самодоверба како првак на Швајцарија и со искуство од многу европски натпревари во последните сезони.
На големата сцена, само по една сезона отсуство, се враќа и двократниот шампион Јувентус. Со нов тренер и амбиции, Бјанконерите копнеат повторно да имаат посериозна улога. Против нив, пак, на почетокот се соочува ПСВ, кој минатата сезона стигна до шампионски трофеј во Холандија, а во новата сезона досега има само победи.
Акцентот во вечерната програма е дуелот меѓу Милан и Ливерпул во Милано. Без разлика на историјата на овој судир, никогаш нема да биде доволно што ќе се каже за него. И во двата клуба имаше промени во тренерските редови, па Пауло Фонсека (Милан) и Арне Слот (Ливерпул) се амбицирани да се докажат и на оваа сцена.
Големиот фаворит речиси секоја сезона и актуелен носител на трофејот, Реал Мадрид, вечерва ја започнува својата нова авантура во Лигата на шампионите. Кралевите се домаќини на изненадувачкиот вицепрвак во Бундеслигата, тимот на Штутгарт.
Настапите на шпанскиот гигант не се толку убедливи, а и серијата повреди почнува да ја отежнува работата на тренерот Карло Анчелоти. За Швабите ова е прв натпревар на турнирот по 14 години.
Шесткратниот шампион Баерн Минхен исто така е во категоријата на тимови со нови тренери. Домаќинството против Динамо Загреб е првиот тест за Венсан Компани како тренер на Германците во ова натпреварување.
Во последниот дуел, противници се португалскиот шампион Спортинг Лисабон и Лил.