Српскиот првак Црвена ѕвезда вечерва стартува во новиот револуционерeн проект на Лигата на шампионите. Црвено-белите на свој терен ќе играат против Бенфика, а во пресрет на мечот, генералниот менаџер на клубот, Звездан Терзиќ, откри колку пари изнесува буџетот на клубот за оваа сезона и колку е најголемата плата на еден играч.
„Наша цел е да ги имаме најдобрите играчи од Србија. Често го гледаме списокот на репрезентативци и правиме план кого би можело да го доведеме. Би сакал да имаме повеќе репрезентативци во нашиот тим, но видете колкави плати имаат Филип Костиќ или Лука Јовиќ. Тоа не можеме да го дозволиме. Во нашиот тим најголемата плата може да изнесува 1.250.000 евра. Тоа е горна граница за годишна плата“, открива Терзиќ во гостување во емисијата „Око“ на РТС.
Првиот човек на српскиот гигант откри колку е приходот на клубот за оваа сезона и колку е буџетот за нормално функционирање. „Нашите приходи се јасни и транспарентни. Оваа година приходите ни се 42 милиони евра, плус 28 милиони евра од УЕФА бонусите. Наскоро во Црвена ѕвезда ќе може да играат и фудбалери кои ќе имаат годишна плата од два и два и пол милиони евра. Кога дојдов во клубот во 2014 година, имавме буџет од осум милиони евра. Сега буџетот ни е 65 милиони евра“, вели Терзиќ.