Фудбалерите на Галатасарај го преживеаа „пеколот“ на гостувањето кај Фенербахче и победија со 3:1 во дербито на најголемите ривали во турскиот фудбал. Навивачите на Фенербахче направија фантастична атмосфера со надеж дека нивниот омилен тим ќе го победат големиот ривал, но Галатасарај покажа кој е „газда“ во Истанбул.
Среќно дојде Галатасарај до предност од 1:0. По еден корнер на гостите, Тореира шутираше, топката заврши во стативата, а потоа се одби од голманот Ливаковиќ и заврши во мрежата на домаќините.
Домаќините уште не беа излезени од почетниот шок, а Галатасарај поведе и со 2:0. Мертенс го матираше хрватскиот репрезентативен голман и тоа по одлична асистенција на Виктор Осимен.
По точно 60 минути игра беше 3:0 за гостите, а стрелец на погодокот беше Габриел Сара. Фенербахче даде почесен погодок и тоа од пенал, кој го реализираше Един Џеко.
Галатасарај е со максимални 18 бодови по шест кола во турското првенство, додека Фенербахче остана на второто место со 13 бодови.